1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ајфеловата кула наполни 125 години

К.Лирш / М.Еберлајн / Е.М.Фиданоска10 април 2014

Пред 125 години во Париз е создадено техничкo ремек-дело. Парижаните го нарекоа Ајфелова кула, според неговиот творец. Кулата на инженерот Гистав Ајфел е составена од 18.000 железни делови, поврзани со 2,5 милиони нитни.

https://p.dw.com/p/1BaW4
Фотографија: Getty Images

Ајфелова кула - изградена пред 125 години по повод годишнината од француската револуција. На почетокот потценувачки беше нарекувана „железен скелет“, висока кула која не служеше за ништо. Денес таа е симболот на Париз и омилено место за снимање филмови. Стефан Дие, надлежен за филмски активности на Ајфеловата кула, стоејќи меѓу вториот и третиот кат на кулата, објаснува: „Овие скали всушност служат само за евакуација на посетители во итни случаи, кога не работи лифтот. Тука вообичаено не е дозволен пристап, но овде се снимени повеќе филмови, затоа што оттука има прекрасен поглед врз Париз.“

Стефан Дие се качува токму по скалите каде кон средината од 80-тите беше снимен филмот со Џемс Бонд „Здив на смртта“. Ваквите филмови ја направија Ајфеловата кула позната на милиони луѓе кои никогаш не го посетиле Париз.

„Наши приоритети, меѓутоа, се посетителите и одржувањето на Ајфеловата кула. Значи снимањето на филмови мора да се одвива додека на кулата има десетици илјади посетители. Снимањето често се одвива или на места, каде нема секој пристап, или надвор од работното време. Тогаш се снима ноќе или многу рано наутро. Секогаш се трудиме да најдеме решение“, објаснува Дие.

1914 Welt in Farbe Ausstellung im LVR-LandesMuseum Bonn
Од „железен скелет“ до симбол на ПаризФотографија: Musée Albert-Kahn, Département des Hauts-de-Seine

Секојдневие на Ајфеловата кула значи секој ден армија туристи од цел свет. Кулата е една од најомилените и сигурно најфотографирани знаменитости во светот. Годишно доаѓаат околу 7 милиони туристи, кои често со часови трпеливо чекаат да се качат. Дел од нив велат:

„Кога правевме план за посета на Париз, Ајфеловата кула беше најгоре на списокот.“

„Да дојдеш во Париз и да не ја видиш Ајфеловата кула е исто како да не си го видел Париз.“

„Ова не се доживува секој ден. Ова е една од највисоките точки во светот на која може да се стигне со лифт.“

Градењето на кулата траело две години - од 1887 до 1889. Инженерот Гистав Ајфел ја планирал како монументална влезна порта на Светската изложба во Париз.

Нејзината судбина во децениите кои следуваа беше неизвесна. Во 60-тите уште беше злоупотребувана за искачување од хоби-спортистите. Но, од прославата на стогодишнината на кулата, во 1989 година, по фасадата на кулата смеат да се искачуваат само професионалци кои вршат поправки или кои ја премачкуваат. Тоа се случува на одредени временски растојанија. Реставраторот Стефан Русен, раскажува: „Бојата се обновува секои седум години. Старите слоеви никогаш не се отстранети. Сега кулата има 19 слоја боја, што значи таа ‘носи‘ околу 300 тони боја на себе.“

Paris Eifelturm Tourismus
Годишно доаѓаат околу 7 милиони туристи, кои често со часови трпеливо чекаат да се качатФотографија: picture-alliance/dpa

На вториот кат на Ајфеловата кула, на височина од околу 100 метри, посетителите ги чека извонредниот ресторан „Жил Верн“, со кој од 2007 година раководи Ален Дикас. Но колку и да е извонредна храната, главна атракција на ресторанот е погледот.

Филмаџиите отсекогаш ги предизвикува да ја уништат оваа идила. Во сценаријата за крајот на светот тие со најголемо задоволство ја уриваат Ајфеловата кула. Така беше во 1953 година во филмската класика „Војната на световите“, во 1996 година во „Марс напаѓа“, или во 2009 година во „Џи Ај Џо - таен налог кобра“. Кога Ајфеловата кула се урива, тогаш Франција и цела Европа се во опасност.

Стефан Дие вели: „Честопати кога во еден филм се симболизира уништување на една цивилизација, се уништува прво знакот на препознавање на земјата. Во Франција тоа е Ајфеловата кула. Но, за среќа, тоа е фикција и на крајот сите се живи, а Ајфеловата кула е се‘ уште тука.“

Ајфеловата кула зад себе има вртоглава кариера - од објект од кој парижаните некогаш се срамеле, до симбол на целата нација.