1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разоружувањето на Србија - (не)успешна акција

Сања Клајиќ
3 мај 2024

Една година по акцијата за разоружување на Србија по две масовни убиства, експертите предупредуваат: бројот на легално оружје е намален - а бројот на нелегалното се зголемува.

https://p.dw.com/p/4fOdx
Србија оружје
Дел од оружјето предадено од граѓаните на Србија во акцијата за негово собирањеФотографија: RTRTV

„Сите знаеме дека сите имаме пиштоли, но никој нема да ви признае“, вели за ДВ Иван М.* (38) од Нови Сад. Неговото семејство не сака да зборува за тоа какво оружје поседуваат.

Ивона Р.* (40) од Нови Сад признава дека има пиштол што го наследила од нејзиниот покоен татко, а Горан П.* (59) од помало место во Војводина има пиштол, како што вели, речиси целиот животот. Сите тие живеат мирен живот. Нивната безбедност не е загрозена. Но, поседувањето оружје во Србија не е резултат на вистинска безбедносна закана, туку прашање на традиција.

 „Се проценува дека нашите цивили се многу подобро вооружени од полицијата“, изјави за ДВ експертот за безбедност Бранислава Костиќ: „Половина од нив имаат оружје од традиционални причини кои велат дека главата на куќата треба да има пиштол. А тоа најлесно може да се види во најбанални ситуации, на пример на нашите свадби, прослави и слично“.

Ова го потврдуваат и проценките на швајцарскиот истражувачки проект „Small Arms Survey“ од 2018 година, според кои Србија е на третото место во светот по цивилно вооружување – веднаш зад Јемен и САД. Тие проценуваат дека на секои сто жители има дури 39,1 парчиња лесно оружје А тоа е три и пол пати повеќе од официјалните државни податоци.

Со бомба на пазар

Меѓутоа, кога минатиот мај во два дена се случија   две масовни убиства   во кои загинаа 17 лица, а 21 беа ранети, се чинеше дека за момент се смени  расположението кон оружјето.  Државата усвои низа мерки со кои најавуваше  големо разоружување на Србија.

Двомесечната акција во која граѓаните беа повикани да го предадат оружјето без никакви последици и без кривична одговорност, резултираше со тоа што на полицијата ѝ беа предадени 82.398 парчиња огнено оружје, 4.243.139 парчиња муниција и 26.485 парчиња минско-експлозивни средства. Од Министерството изјавија дека тоа е најуспешната акција досега.

 „Она што сепак не беше добро е начинот на кој се донесуваше тоа оружје, бидејќи имаме информации дека луѓето носеле бомби во јавниот превоз. Требаше да се организира на побезбеден начин, експерти да го преземат оружјето“, објаснува за ДВ Марина Костиќ Шулејиќ од Професионалното здружение на секторот за безбедност.

Во текот на кампањата, граѓаните на социјалните мрежи презентираа низа апсурдни ситуации, наведувајќи како носеле пиштоли во чантите, па на одење на работа или по пазарење на пазар, наминувале во полицијата да го остават оружјето. Тие сведочеа дека дури и по еден час чекале ред пред полицискиот шалтер заедно со други „вооружени“ граѓани.

„А друг проблем е што тоа оружје не се складираше безбедно по приемот во полициските станици“, додава Бранислава Костиќ. „Нашата полиција инаку има проблем со аквизиција и обработка на податоци – доцнат, не се доволно професионални. На пример, и во овој момент имаат околу 130.000 парчиња оружјето што не е ажурирано, класифицирано, евидентирано."

Еден пример за невнимание е и случајот со полицаец од Ниш кој украл 272 пиштоли кои биле предадени во станицата за време на акцијата. Како што пишуваше локален медиум, првичната информација била дека исчезнале 63 пиштоли, па поради лошата евиденција, долго се шпекулирало колку пиштоли се всушност украдени.

Можни се злоупотреби, бидејќи акцијата е спроведена наеднаш и без детални процедури што да се прави со собраното оружје, смета Марина Костиќ Шулејиќ. Затоа нејзиното здружение го повикува МУП да го соопшти тоа. „Затоа што немаме информации дали тоа оружје е уништено или складирано некаде или можеби продадено и дистрибуирано на друго место. Едноставно не знаеме што се случи со толкава количина собрано оружје“.

Легално не се исплаќа

Нашите соговорници не ѝ го предале оружјето на полицијата, но затоа полицијата им дошла на врата во процесот на ревизија на дозволите за чување и носење оружје. Горан П.* вели дека неговите искуства со полицијата биле многу пријатни.

„Луѓето дојдоа, убаво објаснија сѐ, и излезе дека ќе треба да платам околу 200 евра за да го задржам пиштолот“, вели Горан. „Затоа им го предадов пиштолот, а лесно ќе купам уште еден нелегално. Не е важно“.

Експертките со кои разговаравме не се изненадени од таквиот став. Бранислава Костиќ вели дека проценките се дека бројот на вакви случаи може да достигне и до 80.000, бидејќи луѓето не сакаат да плаќаат данок, не сакаат чипови и процедури, но сакаат да имаат оружје.

Резултатите од мерките на Владата, кои покажуваат дека од 766.665 регистрирани оружја веднаш по убиството, тој број денеска падна на 575.695, затоа може да бидат само врв на ледениот брег, бидејќи сите други аргументи ја поддржуваат тезата дека бројот на нелегалното оружје истовремено се зголемува.

Во Србија долго траеја протестите против насилство
Во Србија долго траеја протестите на граѓаните против насилство по двете масовни убистваФотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Гледаме и зголемен број оружја на улица, што значи дека го има повеќе на црниот пазар“, вели Костиќ Шулејиќ. „Од каде доаѓа – тоа е прашање. Можеби е во прашање злоупотреба на оружј кое е предадено, а второ, премногу оружје оди во Украина, по разни канали и различно оружје, па затоа не знаеме, а може да се случи некои од овие оружја да се вратат на црниот пазар“.

Нема намалување на насилството во општество на насилство

Некои од мерките што ги најави владата  по масовните престрелки не се ни спроведени. Истражувањето на белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП) покажува дека државата се откажала од заострување на условите за набавка на оружје, како и од воведување задолжителен шестмесечен здравствен преглед на вооружените лица, бидејќи тие две мерки би значеле измена на Законот за оружје и муниција. Од друга страна, најавеното заострување на казните за недозволено поседување и носење оружје и воведување на кривично дело со кое ќе се казнува секој што ќе дозволи децата да поседуваат оружје, претпоставува измени во Кривичниот законик.

Дали нешто се помести од почетната позиција? „На културното, европско прашање дали војните, но и овие страдања и ужаси што се случија, нѐ научија колку проблеми се поврзани со поседувањето оружје, одговорот е: Не, се разбира дека не. А собирањето на оружје покажа дека оружјето најчесто го враќале постарите, а не помладите луѓе, затоа што се плашеле за своите деца и внуци. Но,  помладите немале потреба да го вратат оружјето“,  вели Бранислава Костиќ.

Министерството за внатрешни работи не одговори на прашањето дали статистичките податоци покажуваат намалување на насилството во општеството.  Дури и површен преглед на насловните страници покажува дека врсничкото насилство не престанува, дека продолжува високата стапка на фемицид, дека црната хроника не попушта.

„Не можете да решите еден  облик на насилство,  додека не се реши проблемот на општеството кое опстојува со насилство“, оценува Бранислава Костиќ „Луѓето веќе се навикнати на тоа дека оној кој има моќ, има и можност да ги прекрши сите ваши права. Тоа е една од карактеристиките на општеството на насилство, а ние според многу карактеристики дефинитивно  стануваме општество на насилство,  а една негова карактеристика е што луѓето со текот на времето насилството го прифаќаат како нормално“, заклучува Костиќ.